Потрагата по третиот Македонец се засилува со подводни дронови
Потрагата по Мартин продолжува. Теренот се пребарува од копно, небо и по море. На потрагата се приклучуваат и неговата мајка и брат кои доаѓаат од Америка. Од македонското МНР потврдија дека здравствената состојба на двајцата наши државјани е добра...

Потрагата по Мартин продолжува. Теренот се пребарува од копно, небо и по море. Во целата област оперираат пловни објекти на крајбрежната стража и бродовите што пловат покрај брегот, како и хеликоптер на воздухопловните сили од воздух. Сега се засилува и со подводен дрон, за да биде допрено дното. Но, силниот ветар од близу 40 км на час ја отежнува работата. На потрагата се приклучуваат и неговата мајка и брат кои доаѓаат од Америка. А, целата македонска јавност е во надеж за 28-годишниот Мартин.
Се молиме за Мартин, да е тој добар сега ни е најважно, ни рече неговиот другар Васил кој беше прв спасен, но сè уште се опоравува од повеќечасовната битка со морските струи и бранови. За МТВ тој открива како се одвивала драмата на најубавата, но и најопасната плажа на првиот крак на Халкидики
Неговиот пријател Иван беше пронајден жив после 18 часа во водите на егејот дури 2,5 километри од брегот. Ова кажува колку се силни струите во овој дел од морето. Среќна околност била што струите го однеле до дел од морето каде минуваат големи бродови и што во морето како дар од бога, наишол на топка.
Тамошните жители знаат за замките кои ги прави овој дел од морето, но туристите не знаат, така што секоја година овде страда некој. Но, уште полошо е што на Мити плажата секоја година исчезнува знакот кој ги предупредува капачите за овие струи, велат жителите од областа.
Од македонското МНР потврдија дека здравствената состојба на двајцата наши државјани е добра, во болница се и набрзо ќе бидат отпуштени. Од македонското МНР упатија и благодарност до крајбрежната стража на Грција, грчкото воено воздухопловство и локалното население-волонтерите вклучени во потрагата за нивниот неизмерен труд и пожртвуваност.
Фиљана Кока
