Македонија

Францускиот предлог оди на пленарна седница

11.07.2022 13:52

Сè уште неизвесно кога Џафери ќе ја закаже седницата за предлог преговарачката рамка. И по координацијата,власта и опозицијата со непроменети ставови. ВМРО-ДПМНЕ бара да се објави билатералниот протокол со Бугарија. Од мнозинството тврдат, документот не е финализиран...

Францускиот предлог директно на пленарна седница – заклучок на координацијата кај Собранискиот спикер Џафери. Согласно Деловникот на Собранието, претседателот ја доставува Информацијата до пратениците во форма во којашто е добиена и нема надлежност да навлегува во нејзината содржина. Во исто време нема деловничка одредба којашто му овозможува на Претседателот да ја врати информацијата до предлагачот – соопштија од кабинетот на Џафери.

ВМРО ДПМНЕ бара информацијата да се врати до Владата како нецелосен материјал. Не може со еден лист хартија да се дискутира за најважната работа во државата во наредните десетина години, бараме под итно да се достави македонско-бугарскиот протокол-рече координаторот на пратеничката група.

Вицепремиерот Маричиќ одговори дека ќе ги пренесе ставовите на опозицијата и заклучокот од Координација до Владата за потребата да се дополни Информацијата со материјалите кои се наведени како референца.

„Не е возможно ние да ја задолжиме Владата да ја промени преговарачката рамка, којашто ја доставува ЕУ“, вели Јован Митревски од СДСМ.

Според него сè она што ќе се донесе како заклучок од собраниската расправа ќе биде задолжение на Владата како да се однесува во периодот којшто следи, со посебен акцент на идентитетските прашања, јазикот, историјата, образованието. И од коалицискиот партнер ДУИ децидни – протоколот не е финализиран. Со предлогот, Македонскиот јазик е официјален во ЕУ.

А во Собранието, расправа за ребалансот на Буџетот. Нема најава кога ќе биде закажана пленарната седница на која ќе се разгледува предлог-преговарачката рамка.

Марина Тонева Стојанова