Македонија

Ребалансот на Буџетот на пленарна седница

11.07.2022 14:07

Во Собранието почна расправата за дополнетиот предлог - ребаланс на Буџетот. Првиот финансиер Бесими рече дека со прекроената државна каса се овозможува да се направат најпотребните работи за справување со кризата. Опозицијата, пак, тврди дека е ова доказ оти земјава е банкротирана и се движи кон рецесија и сиромаштија...

Дополнетиот ребаланс на Буџетот одговара на актуелните предизвици од светската економска криза, уверува ресорниот министер Бесими на собраниската расправа, откако Владата повторно го врати предлогот во законодавниот дом. Првиот финансиер објаснува дека се додадени 25 милиони денари за животната средина, здравството и инфраструктура, со редовно и навремено испорачување на јавните услуги.

Од опозицијата велат, документот е доказ за она што со години го зборува, дека државата е банкротирана, економски срушена и испокрадена и оти забрзано оди кон рецесија и огромна сиромаштија.

И, додека опозицијата предупредува дека голем дел од домаќинствата може да си дозволат само еден оброк дневно, а Владата троши за работи кои не се неопходни и не го прифаќа амандманот од синдикатите за зголемување на платите, власта укажува дека ќе се зголемат платите во администрацијата, откако ќе се изготви соодветна методологија.

Дискусијата за дополнетиот предлог-ребаланс на Буџетот може да трае најмногу пет дена.

Марија Котовска