ЕУ очекува суверена одлука од Македонија за францускиот предлог
Брисел повтори дека предлогот е компромис којшто ги зема предвид интересите на Скопје и на Софија. Со јавна порака и германскиот канцелар Олаф Шолц побара Македонците да направат храбра одлука за предлогот, за да може да почнат преговорите...

ЕУ повтори дека ова е критичен момент кога Северна Македонија и Албанија треба да ја продолжат евроинтеграцијата. Брисел повтори дека „францускиот предлог“ е компромис којшто ги зема предвид интересите на Северна Македонија и на Бугарија и дека останува на Собранието да донесе суверена одлука.
„Нашиот став за францускиот предлог и Северна Македонија е сосема јасен. Остануваме на заедничкото соопштение од минатиот петок меѓу американскиот државен секретар Блинкен и високиот претставник за надворешна политика Борел. Немаме што дополнително да соопштиме. Продолжуваат широките консултации за „францускиот предлог“. Ова е суверена одлука што треба да ја донесе Северна Македонија“, изјави Набила Масрали, портпарол на Европска комисија.
Германскиот канцелар Олаф Шолц во јавно обраќање посочува дека местото на Македонците е во Европската унија. Дури и по прифаќањето на предлогот, патот нема да биде лесен, вели Шолц, но уверува дека заедно ќе се совладуваат задачите кои претстојат.
„Вашата земја повторно се соочува со носење на една многу важна одлука – дали сакате да го прифатите европскиот компромис за да може конечно да се одржи првата пристапна конференција за членство. Ние ве сакаме вас, драги Македонки и Македонци, зачленети во една унија, во која се чуваат и се негуваат вашите и нашите културни особености, нашите различни јазици и нашите идентитети. Тоа нè прави заедно силни. Ние сме и ќе останеме на ваша страна“, посочува Шолц во јавното обраќање до македонската јавност.
Ирина Гелевска
