Охрид

Први пристапни рампи за инвалидизирани лица на охридските плажи

11.07.2022 16:43

На охридските плажи „Љубаништа“ и „Горица три“ од денеска функционираат монтажни пристапни рампи за инвалидизирани лица со што тие ќе добијат можност самостојно да рекреираат во водите на Охридското Езеро. Во нашата држава за прв пат се поставуваат вакви рампи поради што градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков ги повика и останатите хотелско-угостителски субјекти да се придружат на оваа иницијатива во чии рамки е предвидено поставување на уште три рампи...

Охрид е првиот македонски туристички центар каде што на две плажи се поставени пристапни рампи за инвалидизирани лица. Покрај монтажните пристапни рампи на плажите во Љубаништа и Горица три за инвалидизираните лица се обезбедени две електрични колички, а се направени и импровизирани патеки коишто водат до рампите. Општина Охрид овој проект го реализира во соработка со невладината организација „СОС Балкан Медија“.

„Станува збор за проект којшто беше во самата програма кога настапував како кандидат за градоначалник и еве ова лето веднаш со две плажи коишто ќе ги оспособиме. СОС Балкан Медија ги дава во сопственост на ЈП „Комуналец“ коешто ќе се грижи за овие рампи. На крајот од летната сезона ќе ги отстранува, а повторно во текот на наредното лето ќе се постават“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

„Наредно во соработка повторно со општина Охрид изготвуваме еден пилот-проект, пристапна патека за лица со оштетен слух и вид која ќе е пилот програма. Тие се специјални звучни и светлосни плочки кои ќе бидат од охридското пристаниште до влезот на охридската чаршија“, изјави Сашо Денесоски, претседател на СОС Балкан Медија.

Некои туристички субјекти не само што ја прифатија оваа иницијатива туку веќе ги приспособија своите објекти за потребите на инвалидизираните лица.

„Покрај денешнава рампа за пристап во вода ги имаме приспособено сите наши тоалети, пристап во маркет, пристап на рецепција, пристап до ресторан исто така со инвалидски рампи за да можеме и за тие лица да им овозможиме непречено уживање во летните одмори“, изјави Никола Бакалоски, концесионер на автокамп.

Градоначалникот Пецаков упати апел до хотелиерите и угостителите коишто имаат концесии на плажи да ја прифатат оваа иницијатива бидејќи на тој начин Охрид ќе биде поблиску до стандардите на светските туристички центри.

Сашо Нелоски