НАСА

Прва фотографија од вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“

12.07.2022 14:08

Телескопот ја откри најјасната слика досега од раниот универзум, која датира 13 милијарди години наназад, соопшти НАСА. Првичната фотографија, која прикажува стотици дамки, ленти, спирали и вител од бела, жолта, портокалова и црвена боја...

Човештвото доби нов поглед на вселената. Благодарение на најмоќниот телескоп „Џејмс Веб“ објавена е најјасната слика од раниот универзум која датира 13 милијарди години. Фотографијата прикажува стотици дамки, ленти, спирали и вител од бела, жолта, портокалова и црвена боја. Главната цел на телескопот е да се видат првите галаксии кои се формирале по големата експлозија и меѓудругото да се открие како еволуирале.

„Ова е нов прозорец во историјата на нашиот универзум. Федералната влада мора да инвестира повеќе во науката и технологијата. Овие слики ќе го потсетат светот дека Америка може да направи големи работи. Ќе го потсетат американскиот народ, особено нашите деца, дека нема ништо над нашиот капацитет“, изјави Џо Бајден-претседател на САД.

Телескопот вреден 10 милијарди долари продолжува да ги бара најмладите галаксии во универзумот. Светот ќе види уште неколку фотографии меѓу кои и поглед на џиновска планета надвор од нашиот сончев систем, слики каде се раѓаат и умираат ѕвездите и фотографија од пет групирани галаксии кои танцуваат една околу друга. Веб беше лансиран во декември 2021 година и се смета за наследник на многу успешниот, но застарен вселенски телескоп „Хабл“.

Маријана Димовска