Контра-офанзива во Херсон, убиен уште еден руски генерал
Жестоки ракетни и артилериски напади во Херсон, убиен руски генерал и 200 војници, соопшти украинската армија. Продолжува контра-офанзивата за заземање на градот кој е под контрола на руските војници...

Украинската армија тврди дека во најновиот ракетен напад бил убиен уште еден руски генерал во регионот Херсон. Службите за итни случаи во јужниот украински град Миколаив, пак, гаснеа пожари и расчистуваа урнатини по руски напад.
„Застанавме зад ѕидот, тоа е стара куќа и мислевме дека ќе биде безбедно, но нè удри стакло од прозорецот. Мојот сопруг си го пресече лицето, јас бев полесно повредена. Беше многу силна експлозија. Фала му на бога, сите се живи“, вели локална жителка.
Јужната област околу Херсон изминативе денови се наоѓа под жестоки ракетни и артилериски напади на украинските сили. Се смета дека овој контранапад е почеток на најавите на Киев и претседателот Зеленски дека Украина планира да мобилизира еден милион војници, борбена сила опремена со западно оружје за да ја врати нејзината јужна територија од Русија.
Претседателот на Украина, Зеленски, ја оцени како опасна одлуката на Канада да ја врати руската турбина за гасоводот северен тек 1 во Германија.
„Министерството за надворешни работи мораше да го повика канадскиот претставник во нашата земја поради апсолутно неприфатлив исклучок од режимот на санкции против Русија. Овде не станува збор само за турбината за гасоводот „Северен тек“, што Канада не требаше да го направи. Но сепак реши да се префрли. Станува збор за општи правила, за санкции“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Канада претходно соопшти дека ќе го одобри укинувањето на санкциите за враќање на поправените руски турбини во Германија, бидејќи му се потребни на „Гаспром“ за да продолжи да работи гасоводот северен тек 1.
Марина Ристова
