Француски предлог

СДСМ со поддршка на францускиот предлог, Мицкоски со апел до пратениците

12.07.2022 15:22

„Чист македонски јазик и затворање на идентитетските прашања“ - Централниот одбор на СДСМ даде зелено светло за преговарачката рамка и европскиот предлог понуден од Париз. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со повик до пратениците - социјалдемократи, побара да не подлегнуваат на притисоци...

Додека дел од медиумите објавуваат делови од македонско бугарскиот протокол и тврдат дека францускиот предлог е веќе прифатен, во владејачката СДСМ тврдат дека тоа се лажни вести, дека протокол не е потпишан. Уверуваат дека дополнително ќе и наложат на Владата да ги штити македонските црвени линии - македонскиот јазик, идентитетот и посебноста.

Сдсм останува цврсто на определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, напиша премиерот Ковачевски на социјалните мрежи. Уверува дека за нив не се преговара со ЕУ во ниту едни околности.

„Имаме предлог кој гарантира чист македонски јазик во ЕУ, историски и билатерални прашања надвор од преговарачката рамка. Нашата земја е пред многу важна одлука за нејзината иднина и остварување на уште една стратешка цел, отворање на преговорите со европската унија со зачуван и обезбеден македонски јазик во ЕУ. Toa значи конечно затворање на сите идентитетски прашања“, порачува Ковачевски.

Власта и опозицијата и натаму се обвинуваат и си испраќаат пораки „за“ и „против“ францускиот предлог. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски, преку видеопорака ги повика пратениците на СДСМ да ја отфрлат владината информација за преговарачката рамка и да не подлегнуваат на притисоците од партиските челници. За возврат, нема да бара избори и ќе подржи, како што вели, опстојување на оваа влада, па макар било тоа и малцинска.

А, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, направи компилација од заклучоци кои смета би биле прифатени на собраниската дебата. Од ВМРО-ДПМНЕ велат – секоја чест на трудот, но прво треба да ги видат предлог-материјалите.

Владината информација за предлог-преговарачката рамка треба да се разгледува на пленарна седница.

Миле Ристески