12 лица се гонат за инцидентите на протестите
Поднесено обвинение против 12 луѓе за инцидентите на протестите. Деветмина се гонат за фрлањето камења и други предмети кон полицијата. Тројца ќе одговараат за предизвикување општа опасност за пукањето со пиштол и за молотовиот коктел …

Скопјанецот кој пукаше и мавташе со пиштолот среде бел ден на плоштадот Скендербег додека толпа демонстранти минуваа на булеварот кривично ќе одговара. Обвинителството бара да му се суди за предизвикување општа опасност, затоа што на 6 јули со пиштолот за кој имал дозвола испукал два куршума во воздух и бил опасен за луѓето кои биле во близина.
Одговорност се бара и за двајцата демонстранти кои фрлија молотов коктел кон Собранието. Од Обвинителството велат дека едниот обвинет во стаклено шише ставил бензин и парче ткаенина, па опасното средство го подал на другиот обвинет кој го фрлил кон кордонот полиција.
Освен за овие тројца, обвинител бара на деветмина да им се суди за учество во толпа што ќе изврши кривично дело, додека на тројца за предизвикување општа опасност.
Фрлањето камења, бекатон плочки, делови од сообраќајни знаци и канти за ѓубре скапо ќе ги чини демонстрантите кои на 5-ти и 6-ти јули ја демолираа фасадата на Собранието и уништија полициско возило. Обвинителството ја процени штетата на повеќе од половина милион денари.
Во меѓувреме, Левица поднесе претставка до МВР во којашто бара дисциплински постапки против полицајците за настаните кај плоштадот Скендербег. Од партијата велат дека полицајците не ги презеле потребните активности за да ја неутрализираат опасноста која може да настане.
Во инцидентите, еден полицаец е потешко повреден, 26 негови колеги поминале без сериозни повреди. Судија на претходна постапка на петмина од обвинетите им определи ефективен притвор, додека седуммина одбрана ќе подготвуваат од дома.
Анита Димитријевска Велковска
