Херсон под жестоки ракетни и артилериски напади на украинските сили
Украинската армија тврди дека во најновиот ракетен напад е убиен уште еден руски генерал во регионот Херсон. Службите за итни случаи во јужниот украински град Миколаив, пак, гаснеа пожари и расчистуваа урнатини по руски напад...

Украинската армија тврди дека во најновиот ракетен напад е убиен уште еден руски генерал во регионот Херсон. Службите за итни случаи во јужниот украински град Миколаив, пак, гаснеа пожари и расчистуваа урнатини по руски напад.
„Застанавме зад ѕидот, тоа е стара куќа и мислевме дека ќе биде безбедно, но нè удри стакло од прозорецот. Мојот сопруг си го пресече лицето, јас бев полесно повредена. Беше многу силна експлозија. Фала му на бога, сите се живи“, вели локална жителка.
Јужната област околу Херсон изминативе денови се наоѓа под жестоки ракетни и артилериски напади на украинските сили. Се смета дека овој контранапад е почеток на најавите на Киев и претседателот Зеленски дека Украина планира да мобилизира еден милион војници, борбена сила опремена со западно оружје за да ја врати нејзината јужна територија од Русија.
Руски магацин за муниција бил цел на украинските сили во текот на ноќта, што резултирало со голема експлозија. Москва регистрира и следи платеници во Украина.
„Спротивно на лажните изјави на претставниците на режимот во Киев за наводните 20.000 странски платеници кои пристигнале на територијата на Украина, реалната бројка е помала. Покрај тоа, таа постојано се намалува“, изјави Игор Конашенков, главен портпарол на руското министерство за одбрана
Белата куќа верува оти Русија се врти кон Иран за да обезбеди „стотици“ беспилотни летала.
„Русија суштински не успеа да ги постигне своите стратешки цели во Украина. Нејзината стратешка цел беше да го земе главниот град Киев за да стави крај на Украина како земја. Путин нема да ги постигне своите крајни цели благодарение на храброста на украинскиот народ“, изјави Џејк Саливан, советник за национална безбедност.
Претседателот на Украина, Зеленски, ја оцени како опасна одлуката на Канада да ја врати руската турбина за гасоводот северен тек 1 во Германија.
„Министерството за надворешни работи мораше да го повика канадскиот претставник во нашата земја поради апсолутно неприфатлив исклучок од режимот на санкции против Русија. Станува збор за општи правила, за санкции“, Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Канада претходно соопшти дека ќе го одобри укинувањето на санкциите за враќање на поправените руски турбини во Германија, бидејќи му се потребни на „Гаспром“ за да продолжи да работи гасоводот северен тек 1.
Марина Ристова
