Ковид-19

Растат бројките на заразени, расте и интересот за четврта доза

12.07.2022 16:10

Бројките на заразени растат, епидемиолози предупредуваат, реалните се далеку поголеми од она што се прикажува. Расте интересот за четврта доза...

Бројот на новозаразени со коронавирусот е многу поголем, вели доктор Даниловски. Тој очекува да продолжи да расте и во наредниот период, а овој бран би завршил до крајот на септември. Даниловски не очекува да има потешки клинички слики и да дојде до преоптеретување на здравствениот систем.

„Не се потребни никакви мерки, доволни се препораките, во затворен простор само високоризичните поединци, повторувам само високоризичните поединци да носат маски и да се вакцинираат или ако се вакцинирани да си примат и бустер доза трета или четврта. За сите други не е потребно баш ништо независно што ќе почнат да се враќаат од годишни одмори“, вели Драган Даниловски, епидемиолог.

Епидемиологот смета дека ќе имаме мирна есен со благ пораст на бројките бидејќи летово ќе се стекнеме со нов имунитет.

„Ковидот веќе не претставува значаен јавно здравствен проблем ниту кај нас ниту во светот, независно од било кои други варијанти што би се јавиле во иднина како што и ќе се јавуваат. Практично веќе не е потребно се осмелувам да кажам да се соопштуваат официјално бројки на нови случаи. Тоа нема смисла зашто видовме не е реално. Тие се околу 2 до 5% најмногу од вистинскиот број што се јавува“, дополни Даниловски.

Доктор Даниловски вели дека може да се очекува зголемен притисок на матичните доктори и додава дека добро ќе беше да има ковид амбуланти во секоја општина.

Ана Ј. Тодоровска