Ковид-19

Расте бројот на Ковид позитивни во источниот регион, расте и интересот за четврта доза вакцина

12.07.2022 17:30

Новиот бран на Ковид-19 во источниот регион почна порано од очекуваното. За само две недели потврдени се 53 позитивни во Штип. Најголем дел од заразените се лекуваат амбулантски. Зголемен е интересот за имунизација со четврта доза, дневно се имунизираат триесеттина граѓани. Лекарите апелираат заштитни маски во затворено да носат и прележаните и имунизираните...

Деновиве во ординациите од примарното здравство се бележи зголемен број пациенти со симптоми на Ковид-19. Најзастапена е возрасната група над 30 години. Лекарите причината ја гледаат во отсуство на заштитни мерки.

Најголем дел од заразените се со благи симптоми. Во инфективното одделение во болницата во Штип хоспитализирани се четворица пациенти, двајца се на кислородна поддршка. Според надлежните состојбата на овој план не е алармантна, земајќи предвид дека во моментот во источниот регион само во штипската болница се хоспитализираат ковид пациенти. Порастот на заболени предизвика поголем интерес за имунизација со четврта доза од вакцините Фајзер и Модерна.

Во Центарот за јавно здравје скоро два месеци бројот на дневни тестирања беше едноцифрен, но деновиве се тестираат и по триесеттина граѓани. Позитивни се и лица кои корона тест прават заради закажана хируршка интервенција, а немаат скоро никакви симптоми. Во Штип има 38 активни случаи, во Кочани 20, 10 во Пробиштип и тројца во Делчево.

Славица Величковска