Деветти протест низ скопските улици против францускиот предлог
Попладнево во Скопје, нов протест против францускиот предлог. Како и досега, собирот почна пред Владата, за преку Министерството за надворешни работи да заврши пред Собранието. Кај плоштадот Скендербег, каде минатиот пат се случија инциденти, има силно полициско обезбедување. Испратен повик да се отфрли францускиот предлог, протестите минаа без инциденти …

Деветта вечер илјадници Македонци излегоа да кажат не за францускиот предлог. Граѓаните со порака до политичарите – предлогот да не се прифаќа и да се чуе гласот на народот.
Бугарите се обидуваат да ја читаат историјата како чиста бугарска, документот што ни се нуди нема да и донесе добро на Македонија, а барањето бугарите да се внесат во Уставот воопшто не е наивно, кажаа учесниците на протестот.
Гласно да им кажеме и да им порачаме не за лагите и манипулациите со кои со години не навредуваат и омаловажуваат, порачаа граѓаните од протестот.
Послушајте си го сопствениот народ, во спротивно вашите имиња ќе бидат испишани со црни темни букви во историјата, беше порачано од протестот пред Собранието, каде в четврток ќе се расправа за фамозниот француски предлог.
Марија Котовска
