Задругите да се вратат на село
Задругарството повторно да се врати во селата по теркот на другите европски земји, советуваат експертите. Целта е земјоделците да ги намалат трошоците, а заеднички повеќе да продаваат на пазарот. Последниве години кај нас се формирани вкупно 67 земјоделски задруги...

Во Македонија од 2013-та година кога е донесен законот регистрирани се и работат 67 земјоделски задруги. 38 од нив се активни, додека 29 не ги исполнуваат законските услови за добивање на финансиска поддршка и субвенции.
Вкупно низ целата држава обработуваат 3.300 хектари, сопственици се на 8 460 пчелни семејства и сите заедно имаат стадо од 860 говеда, 590 кози и 5.460 овци.
Задруги има во речиси сите региони од земјава, а се формирани со цел да со заедничко работење го зголемат производството, да ги намалат трошоците и повеќе да продаваат на пазарот. Задругарите велат дека вака полесно се преговара со откупувачите кога ќе дојде време да го продаваат родот, кога треба да добијат пониска цена за купување на заштитни средства, вештачко ѓубриво и механизација и кога им требаат пари за инвестиции од банките.
Задругите, најчесто се занимаваат со повеќе земјоделски дејности што е резултат на македонското поднебје, на едно стопанство да се произведуваат различни култури. Помал дел од нив се специјализирани за една гранка, како на пример овоштарството, лозарството, пчеларството или производството на ориз.
Методија Трајков
