Подметнат пожар во автомобил на поранешен судија од Велес
Пламените јазици брзо се прошириле и од високата температура пукнала задната шофершајбна. Среќа во несреќа е што огнот брзо е изгаснат и не дошло до експлозија на плинскиот уред инсталиран во автмобилот...

Рано изутринава опожарен е автомобилот во сопственост на семејството на Јордан Лазаров, поранешен претседател на Основниот суд во Велес. Како и вообичаено, вели Лазаров автомобилот марка Форд Фиеста бил паркиран пред семејната куќа. Дека тој гори прв забележал синот на Лазаров.
„Слушнал силна експлозија и кога погледнал низ прозорецот забележал дека автомобилот гори. Веднаш се симнавме доле и почнавме да го гасиме, напомош дојдоа и соседите. Пријавивме во полиција и пожарната“, рече Јордан Лазаров.
Полицијата преку соопштение се огласи во јавноста. Работеле на пронаоѓање на сторителот или сторителите, кои најнапред го скршиле малото задно странично стакло, и на седиштето го оставил (или оставиле) пластичното шише со бензин.
Пламените јазици брзо се прошириле и од високата температура пукнала задната шофершајбна. Среќа во несреќа е што огнот брзо е изгаснат и не дошло до експлозија на плинскиот уред инсталиран во автмобилот, вели Лазаров кој открива дека повеќе не се чуствува безбедно.
„Закани досега сум немал, не ни помислував дека може вакво нешто да се случи, се плашам за безбедноста на моето семејство но и за имотот“, рече Лазаров.
Јордан Лазаров, како пензионер ги поминува првите триесетина дена. Во својот работен век во два мандати беше претседател на Основниот суд. Во тоа време во судот се решаваа големи предмети но беа и разрешувани, апсени и осудувани судии.
Лазаров верува дека казната ќе го стаса сторителот или сторителите, а полицијата што поскоро ќе го расветли случајот за да неостане неодговорено прашањето зошто гореше автомобилот на екс претседателот на Основниот суд во Велес.
Дијана Иванова
