Кулеба: На чекор сме до постигнување договор со Русија за извоз на жито
Покрај меѓусебните обвинувања на релација Киев-Москва, жестоки борби посебно на југоистокот на Украина. Портпаролката на руското Министерство за надворешни Захарова го обвини западот дека неосновано споменува нуклеарна војна. Во меѓувреме, во Истанбул, нова рунда преговори меѓу Русија, Украина, Турција и Обединетите нации за извоз на украинското жито...

Украинците тврдат дека уништиле руски магацин за оружје во градот Нова Каховка. На социјалните мрежи се појави видео од експлозијата, на која наводно се гледа рускиот магацин кој бил погоден. Според руските власти, во Керсон, во украинскиот напад загинале најмалку седум лица. Во меѓувреме, украинските сили го гранатирале и селото Бела Березка во Русија со дваесетина минофрлачки гранати. Нема загинати и повредени.
Жителите на Северодоњецк и Лисичанск, кои на почетокот на јули беа под контрола на руските вооружени сили, тврдат дека животот се подобрува и покрај тоа што нема струја и вода.
„Животот станува подобар и полесен, и покрај фактот што треба да собирате вода од некаде и да ги наполните телефоните од генераторите. Лековите не се лоши. Сега барем болницата почна да работи“, вели Нина Пристенскај, локална жителка.
„Навистина се надевам дека Русија ќе ни помогне. Ни треба опрема за да се врати сето тоа. Не можете да гледате овде без солзи. Електрични столбови и кабли, сè е уништено“, вели Јури, локален жител.
Портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, повторно ја спомна нуклеарната војна, велејќи дека западот ја испровоцирал кризата во Украина.
Украинскиот претседател Зеленски ја поздрави одлуката да ѝ се дозволи на неговата земја да стане придружна членка на мултилатералната програма за интероперабилност.
„Украина стана придружна членка на специјалната мултилатерална програма на НАТО за технолошка интероперабилност. Станува збор за стандардите на Алијансата. Сега Украина не само што ги имплементира стандардите на НАТО, туку може да учествува и во развојот на нови стандарди“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба вели дека Украина и Русија се на чекор до постигнување договор за извоз на жито.
„Украина е подготвена да го извезува своето жито. На чекор сме до постигнување договор со Русија. Во завршна фаза сме и сега сè зависи од Русија. Доколку навистина сакаат, наскоро ќе започне извозот на жито“, изјави Кулеба.
Во тек се меѓународни преговори за организирање извоз на украинско жито преку црното море, каде Анкара игра активна улога.
Марина Ристова
