Македонија

Тетовското обвинителство сè уште без истрага за големиот пожар во фабриката „Пофикс“

13.07.2022 15:54

По поминати шест недели од големиот пожар во фабриката „Пофикс“ во Тетово, Јавното обвинителство сè уште нема започнато истрага. Велат дека изготвен е само записник, за отворање на предметот, ги чекаат вештачењата од ОКТИВ при МВР и Ектротехничкиот факултет...

Во која насока ќе се води истрагата зависи од вештачењето на ОКТИВ при МВР. Нивните докази пред сè видеоматеријалот од надзорните камери кои ги имало во објектот, ќе покаже каде избувнал пожар, дали е човечки фактор, дали некој го подметнал или станува збор за нешто сосема друго, истакнаа од Јавното обвинителство.

„Најважно вештачење е вештачењето од ОКТИВ на МВР. Со него ќе добиеме одговор дали електричната инсталација во самиот објект била како што треба поставена, согласно законските прописи. Ако нема пропусти, тогаш може пожарот да го затвориме и како несреќен случај. Внатре имаше доста камери од кои до некаде се гледа од каде избувнува пожарот, но сепак стручните лица тоа многу подобро ќе го објаснат во самото вештачење“, соопштија од Јавното обвинителство.

Од Јавното обвинителство велат дека истрагата не доцни, оти се работи вештачење кое е обемно и се базира на целата документација од фабриката, поврзана со доказниот материјал.

Пожарот зафати над 7.000 метри квадратни од фабриката. Сопственикот информираше дека е предизвикана голема материјална штета, а градот два дена се гушеше во густ црн чад, со концентрацијата на штетни честички во воздухот.

Зоран Димовски