Собрание

Утре собраниска седница за Предлог-преговарачката рамка

13.07.2022 16:37

Ден пред седницата за францускиот предлог, ставовите на власта и на опозицијата непроменети. За СДСМ, европски, за ВМРО-ДПМНЕ штетен документ. Премиерот Ковачевски со порака – пратениците да размислуваат државнички, а не партиски...

Два дена би траела Собраниската седница на која ќе се дискутира за францускиот предлог – брифираат собраниски извори. Помалку би дискутирале пратениците на СДСМ, но речиси целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. Додека трае седницата спикерот Џафери на координација ќе се обиде со координаторите да ги состават заклучоците, но доколку тоа не се постигне, СДСМ ќе ги понуди своите кои ќе бидат изгласани бидејќи имаат мнозинство. Социјалдемократите убедени во исправноста на францускиот предлог велат заклучоците од нас гарантираат безусловно почитување на јазичните, културните и историските особености.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски вели дека седницата е шминка и театарска претстава, бидејќи Владата својата одговорност ја префрли во Собранието. Нам ни треба отфрлање на предлогот и посилна дипломатија рече Милошоски.

Премиерот Димитар Ковачевски вели од пратениците очекувам да размислуваат државнички, како претставници на народот, а не само на партиите.

„Сакам да е кристално јасно – протоколот е всушност записник од состанок меѓу министерствата за надворешни работи, билатерален документ кој не ја условува преговарачката рамка. Всушност, протоколот воопшто не е ни споменат во преговарачката рамка. Дотолку повеќе протоколот потврдува дека тој не е поврзан и не ги условува почетокот на преговорите. Од таа причина, апелирам да не се шпекулира и за содржината и за важноста на овој документ“, рече Ковачевски.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пак на социјалните мрежи вели информацијата и фарсата во Собрание може да ви помине, но промена на Уставот не.

Миле Ристески