Образование

Во Охрид зголемен интерес за запишување во средните стручни училишта

13.07.2022 16:55

Во Охрид е зголемен интересот за запишување на учениците во средните стручни училишта. Воведувањето на дуално образование во некои од нив само го засили тој процес бидејќи тој вид образование ги зголемува шансите за побрзо вработување. Инаку општина Охрид со стипендии и награди ќе ги подржи учениците од социјално загрозените семејства и оние најталентираните...

Средните стручни училишта во Охрид стануваат се поатрактивни за учениците. Годинава за прв пат бројот на запишани ученици во електромашинскиот центар и средното економско училиште е поголем во споредба со оној во охридската гимназија. Ова најмногу се должи на тоа што по завршувањето на стручните училишта младите кои не планираат да се запишат на високообразовните институции можат побрзо да се вработат.

„Тоа не го прати за жал тој тренд угостителското училиште, очигледно сè уште не е толку популарно помеѓу младите и оние коишто сакаат да се запишат во средно образование. Така што би рекол дека бројот на запишани ученици во она што треба да претставува стручно образование вклучително и оние дуални паралелки коишто се воведоа тековно е попопуларно од гимназиското образование“, рече Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Покрај тоа што општината ќе обезбеди силна поддршка за најталентираните ученици и нивните ментори нема да бидат заборавени учениците и студентите кои потекнуваат од ранливите категории семејства.

„За прв пат оваа година Охрид воведува проект „Нашите првачиња“ со кој се предвидува финансиска поддршка од 3.000 денари за секое запишано прваче во општинските основни училишта. Ја зголемуваме вредноста на стипендиите за учениците од основните и средните училишта за учебната 2022-2023 година од 1.500 на 2.000 денари“, рече Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.

Стипендии ќе добијат и други категории на основци и средношколци, а локалната самоуправа дополнително ќе го вреднува успехот на учениците кои ќе покажат успех на државни и меѓународни натпревари.

Сашо Нелоски