Македонија

Пендаровски: Украина не смее да биде препуштена сама на себе

14.07.2022 12:29

НАТО не смее да дозволи Украина да биде оставена сама на себе зашто таму се бранат демократијата, слободата и безбедноста на Европа, предупреди шефот на државава, Стево Пендаровски. Експерти оценуваат дека она што во моментов се случува кај нас е последица и на руската агресија и на колебливата и неодговорна политика на Брисел кон Западен Балкан...

„Доколку Русија успее да окупира поголем дел од Украина, и има ресурси да го задржи на подолг временски период, не исклучувам и други обиди за дестабилизација преку хибридни закани и на земјите од Западен Балкан“, рече шефот на државава Пендаровски на дебатата „Општествените промени по Украина“. Тој смета дека НАТО не смее да дозволи Украина да биде препуштена сама на себе, бидејќи во таа земја се бранат демокритијата, слободата и безбедноста на Европа.

Последица на руската агресија, но и на неодговорната политика на ЕУ кон Западен Балкан, е она  што се случува во Македонија изминатите неколку месеци, сметаат универзитетски професори. Според нив, Унијата и САД прават обид за забрзување на процесот на интеграција.   

Експертите се едногласни дека најмалите држави ќе имаат најголеми последици од економската криза, но и дека јазот и поделбите кои ги имаме во македонскиот национален блок можат да се надминат преку разум и дијалог. Во меѓувреме, руската амбасада деновиве негираше дека на каков било начин се меша во внатрешмните работи на земјава.

Викторија Милевска