Хасан Секизќок: Да се екстрадираат 80 луѓе поврзани со организацијата „Фето“
Да се протераат граѓани, бизниси и образовни институции од државата поврзани со организацијата „ФЕТО“ која изврши воен удар во 2016-та година во Туркије. Ова го побара турскиот амбасадор на годишнината од настанот. Тој потсети дека нашата земја како членка на НАТО, на неодамнешниот самит во Мадрид, се обврзала дека ќе се бори против секаков вид на тероризам…

80 луѓе поврзани со организацијата „Фето“ да бидат екстрадирани, а образовни и угостителски објекти поврзани со истата организација, да бидат затворени. Ова е барањето на турскиот амбасадор во земјава, како порака до македонските власти, на годишнината од државниот удар во неговата земја.
„Постојат три училишта поврзани со „Фето“ кои како образовни институции дејствуваат во Скопје, Тетово и Струга. Очекуваме, Северна Македонија да ги затвори овие училишта и да преземе конкретни чекори во насока на протерување од земјата на лицата поврзани со „Фето“. Овие барања ги истакнуваме при контактите на највисоко ниво. Ќе ја следиме темата се до целосно оневозможување на дејствијата на „Фето“ во Северна Македонија. Очекуваме од сите земји да изразат соработка во насока на борбата против секаков вид на тероризам“, изјави Хасан Секизќок, амбасадор на Туркије во Македонија.
Ваквите барања директно од претседателот Реџеп Таип Ердоган биле пренесени и на премиерот Ковачевски при неодамнешната посета во Туркије. На НАТО форумот во Мадрид, пак, бил потпишан документ дека земјите ќе се борат против секаков тип на тероризам. На овој документ се повикува и амбасадорот кој потсетува дека „Фето“ не смее да биде амнестирана организација.
На 15 јули 2016 година, војници во турската армија започнаа пуч во Туркије. Загинаа над 200 граѓани кои излегоа да се борат на улиците. Обвинети пучисти добија доживотен затвор.
Катерина Топалова
