Пораст на бројот на туристи во Струга
Забележителен пораст на бројот на туристи во струшко. Добра исполнетост бележат и хотелите и приватното сместување. Градот на мостовите ова лето ја збогати туристичката понуда. Новиот тренд е глампинг туризам, спој на гламур и кампување...

Оваа сезона голем број посетители во туристичка Струга. Намалувањето на мерките и рестрикциите ги наполни сместувачките капацитети во градот на мостовите. Од хотелската асоцијација велат, добра исполнетост бележат и хотелите и приватното сместување на струшкото крајбрежје.
Полн со туристи е и градскиот извиднички камп, најголем интерес има за кампинг куќичките на дрво. Туристичките работници очекуваат закрепнување и враќање на туризмот на старите патеки.
„Гостите кои доаѓаат кај нас пред сè се од нашето соседство, меѓутоа чести се посетите на туристи од Полска, Чешка, Германија, Холандија. До лани беа чести и посетите на Украинците меѓутоа за жал со оглед на ситуацијата оваа година не верувам дека нивниот број ќе биде ист“, вели Никола Кукунеш од Извиднички камп-Струга.
Градот на две води, ова лето ја збогати туристичката понуда. На гостите им се нуди активен туризам, нуркање, веслање, едрење, планинарење, параглајдинг и велосипедизам.
„Во нашите понуди стојат кајаци т.е. кајакарење по сливот на реката Црн Дрим и Охридското Езеро, возење со едрилици, моторен чамец., нуркање, велосипедизам, планинарење. Буквално сè што можеме да им понудиме на туристите кои бараат активен одмор“, додава Кукунеш.
Новиот тренд е „глампинг туризам“, што значи спој на гламур и кампување. Покрај дрвените куќички, во градскиот камп се нудат современо уредени шатори и простор за странските трејлер приколки.
Соња Рилковска
