Мицкоски на средба со Фон дер Лајен
„Македонија нема да ги почне преговорите сè додека не го промени уставот за внесување на бугарите во преамбулата“, коментира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски по средбата со шефицата на Европската комисија, Фон дер Лајен. Тој од неа побарал да ги разјасни позициите, и во однос на историјата, имајќи го предвид билатералниот протокол што ќе биде потпишан со Бугарија и за едностраната изјава на Бугарија за македонскиот јазик...

По говорот на претседателката на Европската Комисија Урсула Фон дер Лајен во македонското Собрание, раководството на ВМРО-ДПМНЕ на средба со неа за да и ги претстави трите позиции на партијата. Мицкоски ја отворил дилемата дали земјава веднаш ќе ги почне преговорите со Унијата или после промените на Уставот. Во втората точка зборувал за протоколот кој сè уште не е објавен, а кој според него, наместо за поквалитетен живот на граѓаните, земјава ќе троши енергија зборувајќи за историските прашања. Партискиот лидер се осврнал и на членот од документот за кој вели дека преговарачката рамка ќе биде преведена на македонски јазик, но Бугарија ќе даде еднострана изјава за тоа како гледа на македонскиот јазик.
Мицкоски истакна дека на Фон дер Лајен и покажал и документ од третата конференција на Обединетите нации која се однесува на стандардизација на светските јазици од која, како што рече, јасно се гледа разликата меѓу македонскиот и бугарскиот јазик. Освен тоа и покажал и фотографии од гробовите на децата од Ваташа и од вагоните со кои се депортирале Евреите во времето на Втората светска војна.
Мицкоски не коментираше каков одговор добил од претседателката на ЕК. За нејзините ставови ги упати медиумите да се обратат во канцеларијата на европската унија.
Анита Димитријевска Велковска
