Заврши првиот ден од собраниската дебата, расправата продолжува утре
Се обврзуваме дека никој нема право да преговара за македонскиот јазик и идентитет. Прифатете го предлогот и да одиме напред кон подобра иднина – премиерот Ковачевски во бучна атмосфера ги повика пратениците да ја изгласаат Предлог-преговарачката рамка. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат промена на Устав нема да има, народот гласно вели „не“. Собраниската дебата стартуваше со свирежи, транспаренти, палење и кинење на францускиот предлог...

Тензично почна расправата во Собранието за францускиот предлог. Со свирежи беше дочекано образложението на премиерот Ковачевски дека овој ревидиран француски предлог ги запазува македонските црвени линии и дека конечно ќе овозможи придвижување напред во евроинтеграцијата. Им порача на пратениците со чиста совест да го поддржат.
Ковачевски со три аргументи зашто овој предлог е добар: македонскиот јазик останува чист, билатералните прашања не се дел од преговарачката рамка и отворањето на преговорите почнува веднаш без дополнителни барања.
Пратениците од опозицијата незадоволството од францускиот предлог го изразија со негово кинење и палење. Побараа реципроцитет и од Бугарија, да го признае македонското малцинство ако бара внесување на бугарите во Уставот.
И покрај тензиите, седницата ќе продолжи, вратија од владејачката СДСМ на обвинувањата на опозицијата дека се предавници.
Пратениците нема да носат одлука за предлогот, туку заклучоци како патоказ за Владата која ќе преговара со ЕУ. Расправата ќе трае додека не земат збор сите 42-ца пријавени пратеници.
Ирина Гелевска
