Македонија

Од климатските промени најмногу страда житото

15.07.2022 08:57

Пролетните и житни култури кај нас ќе бидат најзагрозени од климатските промени. Експертите порачуваат штедење на водните резерви кои за 40 години може да се намалат и за 50 проценти...

Прво промена на сортите, а потоа и одгледување на целосно нови култури на нивите, е советот на експертите за справување со последиците од климатските промени кај нас. Тие ги препорачуваат и автохтоните сорти како најадаптирани, кои со селекција може да развијат нови особини отпорни на претстојните промени на временските влијанија.

Експертите сметаат дека со поголемата конкурентност, квалитет и безбедноста на храната, со штедењето на ресурсите и подобрување на условите во селските средини, е можно ублажување на последиците од климатските промени и одржување на земјоделството во кондиција.

Од намалувањето на врнежите и резервите со вода што во наредните децении драстично ќе се почувствува, најмногу ќе страда земјоделството во централниот дел на Македонија, односно во регионите по течението на реката Вардар.

Исто така во сточарството, поради високите температури млечноста кај кравите паѓа и до 30 проценти, но со примената на одредени мерки за прилагодување може да се зголеми за 8 до 25 насто. Науката предлага и подобрување на расната структура, воведување специфични режими на исхрана и подобра здравствена заштита на добитокот.

Методија Трајков