Фудбалскиот терен во Велес добива нов лик
14.04.2014 16:37
До сега за реконструкција на Градскиот стадионот инвестирани се околу 500.000 евра. Парите во најголем дел се донација од УЕФА но дел и од касата на општина Велес.

За 10-тина дена фудбалскиот терен во Велес ќе има нов лик. На стадионот ќе се постави вештачка трева со три ѕвезди која ги исполнува сите критериуми на УЕФА за одигрување на меѓународни фудбалски натпревари.
„Пред неколку дена е започнато поставување на првиот слој од завршната фаза односно прво се става подлога, а потоа по неколку дена ако дозволат временските услови се поставува и вештачка трева“, рече Славчо Чадиев градоначалник на општина Велес.
До сега за реконструкција на Градскиот стадионот инвестирани се околу 500.000 евра. Парите во најголем дел се донација од УЕФА но дел и од касата на општина Велес. Градежните работи нема да завршат со фудбалскиот терен.
Според строгите правила на Европската куќа на фудбалот потребно е објектот да исполнува уште неколку услови. Прво треба да се санира оргадниот ѕид кој е опасност за сите посетители,а потоа ќе се прави модерен стадион кој ќе има капацитет од околу 5000 столчиња. За тоа да се реализира побрзо потребно е јавно приватно партнерсво.
„Ако работиме само со средства на Општината ќе ни требаат најмалку две години. Мора да се направи по стандарди. Нашиот проект е за 5.000 седишта затоа ни требаат 14 тоалети,посебни соблекувални и уште неколку услови. Затоа сакаме да одиме со јавно приватно партнерство. Приватен инвеститор да ја направи трибината од страната на паркот и уште некои градежни зафати, а да го добие деловниот простор под неа“, рече Чадиев.
Отворањето на фудбалскиот терен ќе биде набрзо. Општината очекува дека некоја од македонските селекции прва ќе ја изгази новата вештачка трева.
„Сеуште не се точно дефинирано,очекуваме ФФМ да каже,но ние очекуваме една од репрезентациите“, рече Чадиев.
Во наредниот период општината ќе изработи 3Д анимација за проектот градски стадион и истата ќе ја претстави пред граѓаните. Ќе ги слушне и нивните предлози, а дел можеби и ќе се најдат во кенечната верзија.
Дијана Иванова
