Топлотен бран во Европа: Илјадници бегаат од пожарите во Франција, во Португалија и Шпанија
Стариот континент како под вршник. Енормно високи температури во делови од Европа. Шпанија, Франција и Португалија веќе неколку дена се борат со огнената стихија. Поради климатските промени топлотните бранови станаа почести, поинтензивни и траат подолго, велат експретите...

Силните ветрови и сушите во неколку земји во Европа предизвикаа пожари кои ги принудија жителите и туристите од различни градови и села да бегаат од огнената стихија. Силните ветрови значително го зголемија ризикот од пожари во пет региони во Грција. Пожари избувнаа и на Крит и во Атика. Властите ги повикаа грците да не прават ништо што би можело да предизвика пожар.
„Го видовме чадот. Еден сосед беше тука кога избувна пожарот. Ја повикавме пожарникарската служба. За околу пет или десет минути тие беа тука“.
„Влеговме во куќите, повикавме противпожарна служба, тие веднаш дојдоа.“
„Пожарот го виде една госпоѓа и почна да плаче „оган, оган!“ и сите побрзавме“.
Во Португалија, температурите се искачија и до 47-миот степен, што предизвика пожари.
„Последната ноќ беше помирно, но превентивно беа евакуирани неколку села“.
„Изгоре куќата, остававме без покрив над главата“.
Во Шпанија, во десетици пожари и од топлотниот удар загинаа најмалку 281 лице. Неколку градови на западот на Шпанија се евакуирани. Пожарникарите во Шпанија се борат да го заштитат градот Монсагро, но пожари избувнаа и на југот, во националниот парк Монфраж, кој е дом на ретки видови птици. Повеќе од 10.000 луѓе беа принудени да го напуштат југозападниот француски регион Жиронд во изминатите неколку дена. Напомош на француските пожарникари пристигаа и екипи од Грција.
„Доживуваме исклучителна сезона поради нејзината суровост. Веќе имаме трипати повеќе изгорени шуми отколку во 2020-та година. Имаме пожари кои се проширија. Сакам да им се заблагодарам на сите коишто се борат да го заштитат населението, да ја заштитат националната територија од овие пожари. Во овој контекст, можевме да извлечеме корист од европската солидарност и овој европски механизам што го поставивме и за кој силно се залагавме, и би сакал да ѝ се заблагодарам на Грција, која штотуку ни стави на располагање неколку авиони“, изјави Емануел Макрон , претседател на Франција.
Италија и Хрватска, исто така, пријавија шумски пожари.
Ирина Гелевска
