Политика

Мицкоски: Ништо не е готово, борбата продолжува

16.07.2022 16:28

Преку блокада на промена на уставот ќе го стопираат овој предлог, кажа Мицкоски, а тоа го гарантира со изјави заверени на нотар од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека нема да гласаат за внесување на бугарите во највисокиот правен акт. Според него, власта е фокусиран на гола борба за фотелји...

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ потпишале и завериле изјава на нотар со која се обврзуваат дека нема да се согласат на промена на Уставот за внесување на Бугарите во него, изјави лидерот на опозициската партија Мицкоски по завршување на седницата во Собранието за францускиот предлог. Мицкоски категоричен дека со ова прифаќање на заклучоците за францускиот предлог не е ништо завршено и дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ново предавство.

„Договорот таков каков што Владата го усвоила и се согласила, претставува срам за целата држава. А самиот чин на прифаќање претставува предавство на националните и државни интереси. Ова е комплетирање на вториот дел од предавството на Заев започнато уште јули, август 2017-та година. Предавството сега кое содржи план за бугаризација и асимилација на Македонија и на македонскиот народ, ќе биде немирната совест со која мора да живее секој пратеник и секој член на владата кој го поддржа овој срамен документ.“

Мицкоски рече дека не се откажуваат од барањето за предвремени избори за смена на оваа влада.

„Сакам јасно и гласно да се знае дека ништо не е готово, а народот не треба да очајува. Борбата продолжува и ќе победиме. Сè додека сме заедно, цврсти како карпа обединети. Обединети и не заборавајќи силно фокусирани на нивниот пат, на којшто избори мора да има. Информацијата којшто помина во Собранието нема никакво значење затоа што рамката ја усвојува Владата. Но, затоа обврските коишто произлегуваат од преговарачката рамка, а тоа е промена на Уставот со цел внесување на Бугарите, нема да помине во македонското Собрание“, рече Мицкоски.

Лидерот на опозицијата се заблагодари на народот којшто протестираше против францускиот предлог и најави дека наскоро ќе соопштат кои ќе бидат идните чекори на дејствување.

Ирина Гелевска