Македонија

Тетово: Јавното комунално претпријатие се соочува со финансиски проблеми

16.07.2022 18:33

Вработени без редовна плата, ненаплатени услуги над 10 милиони евра, без доволно опрема и работници. Ваква е состојбата на Јавното комунално претпријатиеТтетово со години. Резултат е нечист град и неуредени јавни зелени површини. Локалната управа има привремено решение, бара трајно...

Наоколу смет, уништени реквизити во паркови, тревници не наводнети и обраснати. И тие слободни јавни површини кои останаа во Тетово не се одржуваат. Комунални работници, ретко да забележиш.

Од Општина Тетово потврдија дека Јавното комунално претпријатие се соочува со финансиски проблеми, затоа што е мала наплатата на комуналните сметки, а сето тоа удира врз грбот на вработените.

Градоначалникот Биљал Касами, вели дека со пари од општинскиот буџет се исплаќаат задоцнетите плати на тетовските комуналци, но тоа вели, не е решение.

Ќе се преземат соодветни мерки за поголема наплата на комуналните сметки, која во зимските месеци знае да биде едвај до 30%, вели градоначалникот Касами. Дополни дека по финансиската стабилизација, ЈКП ќе добие поголем број на комунални работници и опрема кои ќе придонесат за почист и поуреден град.

Зоран Димовски