Охрид: Поддршка на женското претприемништво
Проблемите и предизвиците со кои што се соочуваат жените- претприемачи и нивната подршка од државните институции и меѓународната заедница беа дел од проектот „Мерки за зајакнување на женските бизниси по Ковид-19“. Порака - родовата еднаквост и вклучувањето на жените во најважните развојни процеси ќе придонесат за економски развој на државата...

Проблемите и предизвиците со коишто се соочуваат жените претприемачи и нивната поддршка од државните институции и меѓународната заедница беа дел од проектот „Мерки за зајакнување на женските бизниси по Ковид-19“. На завршната конференција говореше сопругата на претседателот на државата, Елизабета Ѓоргиевска којашто нагласи дека родовата еднаквост и вклучувањето на жените во најважните развојни процеси ќе придонесат за економски развој на државата.
Економското зајакнување на жената е индикатор на нивото на демократизација на општеството, но и патоказ кон поправеден економски развој во којшто има место за секого. Ова на завршната конференција од проектот „Мерки за зајакнување на женските бизниси по Ковид 19“ го рече сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, при што посочи дека родовата еднаквост и економското зајакнување на жените се клучни предуслови за одржлив и инклузивен развој на македонското општество.
„Иако жените се вклучени во некои од најважните развојни процеси сепак сè уште се соочуваат со непринципиелни бариери и не се целосно рамноправни чинители во економскиот развој и бизнис секторот. Наша задача е да работиме на отстранување на овие пречки, на овие бариери коишто го попречуваат целосното и праведното вклучување на жените во секоја сфера“, изјави Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот на државата
На конференцијата беше речено дека една од главните цели на проектот била да ги поттикнат државните институции и меѓународната заедница да го поддржат женското претприемништво.
„Последниот попис покажа дека во Република Македонија жените сè уште претставуваат најголем процент од невработената популација и претставуваат 67 проценти од оние коишто се најнеактивни на пазарот на труд. И од таму нашата иницијатива за поддршка на женското претприемништво не е само прашање на еднаквоста туку е прашање за економскиот развој и просперитет на државата“, изјави Неда Малеска Сачмароска, извршна директорка на ЦУП
„Жените во светот беа несразмерно економски погодени од пандемијата. Создавајќи поволна бизнис клима за промовирање на родовата еднаквост преку економско зајакнување на бизнисите предводени од жени и со подобрување на нивниот статус се зајакнува стопанството и демократиите на општествата“, изјави Џејмс Стајн-претставник на канцеларијата на УСАИД.
35-те учеснички на конференцијата од три македонски градови синоќа на градскиот плоштад во Охрид ги претставија своите дела во рамките на „Базарот на жени занаетчии“.
Сашо Нелоски
