Владата ги усвои заклучоците и ја изгласа рамката за почеток на преговори со ЕУ
Владата го одобри францускиот предлог откако Собранието ги изгласа заклучоците. „Европа ќе биде во Скопје, а Република Северна Македонија во Брисел со полн капацитет, пристап кон фондови, знаења, вистински принципи“ рече премиерот Ковачевски кој најави дека во вторник ќе се одржи првата меѓувладина конференција. Отворачката изјава на 19-ти јули ќе ја чита на македонски јазик...

Владата експресно ги усвои собраниските заклучоци и ја изгласа рамката за почеток на преговори со Европската Унија. Премиерот Ковачевски на прес-конференција објави дека на 19 јули, во вторник ќе се случи првата меѓувладина конференција во Брисел.
„Потоа, Европа ќе биде во Скопје, а Брисел во Република Северна Македонија, со полн капацитет, со пристап кон фондови, со пристап кон знаења, вистински принципи и најважно вредности кон кои се стремиме и ги посакуваме“, изјави Димитар Ковачевски – претседател на Владата.
Нагласи дека во вторник во Брисел ќе зборува на македонски јазик и оти сите документи на ЕУ ќе бидат преведени на македонски јазик. Појасни и за фамозниот протокол за кој се ширеа секакви информации деновиве.
„Во врска со протоколот, го задолживме денеска министерот за надворешни работи да ја информира Република Бугарија во врска со заклучоците кои денеска ги донесе и ги изгласа Собранието на Република Северна Македонија и да го финализира протоколот. Во текот на денот Министерот за надворешни работи ќе ве информира во однос на целиот тој процес и нормално, граѓаните преку медиумите ќе бидат информирани и за процесот и за содржината“, додаде Ковачевски.
На прес-конференцијата беа сите министри освен министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, за кој премиерот Ковачевски рече дека е болен и оправдано отсутен. Уверува дека коалицијата е стабилна и оти вонредни избори нема да има. Ова убедување доаѓа и по објавата на опозицијата дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ имаат потпишано изјави на нотар дека нема да гласаат за промена на Уставот која е услов за официјален почеток на поглавјата.
Катерина Топалова
