Скапо производство и слаб принос на пченицата во Овче Поле
Се собира лебното жито во Овче Поле. Приносот кај индивидуалните земјоделци е мал, од два до три тони по хектар. Актуелната откупна цена од 18 денари за килограм не ги покрива производните трошоци. Земјоделците ќе чекаат подобра откупна цена...

Во полн ек е жетвата на пченицата во Овче поле, годинава застапена на околу седум илјади хектари. Родот кај земјоделските комбинати тежи од три до четири тони по хектар, но кај индивидуалните земјоделци приносот е само околу два ипол тони.
Слабиот принос и квалитет на лебното жито е резултат на сушата, неквалитетното семе и штедење на ѓубрива и заштитни хемиски препарати. Според земјоделците, откупната цена на житото не треба да биде под 22 денари за килограм.
Министерот за земјоделство при неодамнешната посета на Свети Николе истакна дека очекува откупувачите да понудат добри цени за пченицата
Земјоделците бараат да се утврди производна цена на секоја култура, како не би работеле со загуба
Овчеполските земјоделци со ваков род, нема да можат да ја користат владината мерка – сто евра по хектар за зголемен принос, бидејќи им следува само на оние кои ќе произведат над четири тони пченица по хектар.
Славица Величковска
