Македонија

Охрид: Се очекува поуспешна туристичка сезона од лани

17.07.2022 11:12

Хотелите и другите сместувачки капацитети на охридското крајбрежје се солидно исполнети и се очекува далеку поуспешна туристичка сезона од лани. Сепак, тоа не значи дека заработувачката ќе биде поголема бидејќи хотелско-угостителскиот сектор не може да го следи постојаниот раст на цените, затоа што тоа ќе значи откажување на дел од аранжманите...

Иако, временските услови во првата половина на јули не беа на страната на охридските хотелиери и угостители, тие се задоволни од оствареното. Во споредба со минатата година бројот на туристите е далеку поголем, меѓутоа заработувачката е намалена бидејќи тие не можат постојано да ги следат секојдневните поскапувања на производите и услугите, особено на електричната енергија, кои од почетокот на годината се зголемени од 30 до 100 проценти. Најмногу штета трпат хотелиерите кои минатата година потпишаа договори со странските тур-оператори со фиксни цени кои во сегашните услови се ниски и нереални.

„За разлика од минатата година оваа година хотелските капацитети се далеку повеќе исполнети како со домашни, така и со странски туристи. Странските туристи најчесто ни се од Црна Гора, Полска, Германија, Србија, Хрватска. Меѓутоа во однос на договорите со туроператорите коишто се потпишани во декември минатата година заработувачката ни е минимална поради порастот на цените“, рече Теодора Настоска, менаџер на хотел.

Од овој викенд па се до 20-ти август се очекува Охрид да биде полн со туристи. Тоа секако ќе придонесе за намалување на штетите што ги претрпе хотелско-угостителскиот сектор во изминатите две пандемски години.

„Во споредба со минатата година имаме зголемен број на посетители, што се должи на стабилизираната ситуација со ковид вирусот и новите содржини што ги вметнавме во кампот. Во однос на резервираноста на нашите капацитети, сместувачките капацитети имаме стопроцентна резервираност, имаме голема најава на гости“, Марко Гаврилоски-концесионер на автокамп.

Според експертите, ова лето ќе биде далеку поуспешно од минатогодишното, барем што се однесува до бројот на туристите, но доколку продолжат поскапувањата и повторно се влоши состојбата со коронавирусот можно е веднаш по завршувањето на туристичката сезона, поголем број објекти да стават клуч на врата.

Сашо Нелоски