Политика

Османи и Генчовска го потпишаа билатералниот протокол

17.07.2022 11:33

Потпишувањето на протоколот е дел од преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ. Во документот е предвидено и заедничко чествување на историски личности, но откако за тоа ќе се договорат членовите на историската комисија...

Во Софија денеска министрите за надворешни работи на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска го потпишаа билатералниот протокол по состанокот на заедничката меѓувладина комисија. Според најавите, протоколот треба да биде објавен по неговото потпишување.

Потпишувањето на протоколот е дел од преговарачката рамка за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ.

Во документот е предвидено и заедничко чествување на историски личности, но откако за тоа ќе се договорат членовите на историската комисија. Работата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања, како што посочуваат дипломатски извори, не може да биде еднострано прекината. Какво решение и да има, истото мора да се прифати од двете страни, инаку обврската не може да биде еднострана. Таа нема да има рокови во работата, туку охрабрувања.

Потпишувањето на протоколот и состанокот на меѓувладината комисија следуваат откако Владата, вчера, ги разгледа и ги усвои заклучоците кои претходно ги изгласа Собранието и донесе одлука за одобрување на предлогот на француското претседателство од 30 јуни годинава, а првата Меѓувладина конференција која ќе го означи почетокот на пристапните преговори на Македонија со ЕУ ќе се одржи на 19-ти јули во Брисел.