Свет

Стефановиќ: Урнатиот украински авион превезувал муниција од српска компанија

17.07.2022 13:52

Украински товарен авион „Антонов“ кој летал од Србија се урна во близина на градот Кавала во северна Грција. Нема преживеани. Пренесувал 11,5 тони муниција од Србија, наменета за Бангладеш. Во Кавала испратен специјален тим за нуклеарно-хемиско-биолошка одбрана...

Украински товарен авион што пренесувал оружје се урна во близина грчкиот град Кавала. Загинале сите осум членови на екипажот. Очевидци велат дека пред урнувањето се запалил и потоа имало експлозии на местото на урнувањето.

Грчките власти истакнаа дека пилотот пријавил проблеми со моторот пред да се изгуби контакт со леталото. Српската влада соопшти дека авионот носел 11,5 тони оружје од српската компанија за оружје „Валир“, за Министерството за одбрана на Бангладеш.

„Авионот полета околу 20:40 часот од Ниш и превезуваше околу 11,5 тони производи од нашата вооружена индустрија до крајниот купувач во Бангладеш. Клиентот беше Министерството за одбрана на Бангладеш. Летот имаше дозвола да лета од Ниш, со технички слетувања во Аман, Ријад, Ахмедабад и беше планирано да слета во Дака, како крајна дестинација. Сопственик на робата била приватната фирма „Валир“ од Србија. Овој лет ги имаше сите соодветни дозволи, сите во согласност со меѓународните прописи и, се разбира, легитимниот краен корисник, Министерството за одбрана на Бангладеш“, изјави Небојша Стефановиќ, министер за одбрана на Србија.

Во Кавала пристигна специјален тим за нуклеарно-хемиско-биолошка одбрана од Министерството за одбрана на Грција за да ја истражи опасноста од евентуални токсични материи и да се одреди понатамошниот тек на истрагата. Локалните власти ги повикале жителите да не ги отвораат прозорците и да не користат клима уреди.

 

Министерот Небојша Стефановиќ изјави дека авионот полетал во 20:40 часот од Ниш. Според него, сопственик на авионот е украинска компанија. Стоката што ја превезува авионот е од српската компанија „Валир“.

 

Ирина Гелевска