ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со спротивставени ставови за потпишаниот протокол
„Маските паднаа. Со протоколот потпишан од предавничката влада, промената на историјата и учебниците по бугарски терк стануваат услов за напредок на Македонија кон Европската унија“ велат од ВМРО-ДПМНЕ. За СДСМ, македонската иднина е обезбедена и таа е европска, за два дена почнува дијалогот со Брисел...

Протокол потпишан во Софија станува дел од Преговарачката рамка на Македонија со Европската Унија – вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски. Според него маските паднаа и се потврдија лагите на СДСМ и ДУИ дека билатералните спорови со Бугарија нема да се услов за напредок кон ЕУ.
Со Протоколот потпишан од предавничката влада, промената на историјата и учебниците по бугарски терк стануваат услов за напредок на Македонија кон ЕУ – изјави Николовски.
„Од она што можеме да го дознаеме во овој и штетен Протокол кој влегува во преговарачката рамка на Македонија со ЕУ стои меѓудругото дека до 2023 година треба да се затворат прашањата за заедничко чествувања на празници и личности, а до 2025 година мора да се направи промена по учебниците по историја во Република Македонија, онака како што ќе побара Бугарија. Ако кој било дел од овој Протокол со кој се загрозуваат македонскиот идентитет, јазик, култура и историја не е по теркот на Бугарија и бугарската влада како и бугарската пропаганда ќе има ВЕТО за Македонија во преговарачкиот процес со ЕУ“, рече Николовски.
Од Социјалдемократскиот сојуз со став на државата и е обезбедена европска иднина.
„Собранието донесе државничка одлука со која реализираме уште една стратешка цел – преговори за членство во ЕУ како Македонци со чиста формулација на македонскиот јазик и со билатерални прашања надвор од процесот на преговори. Веќе во вторник, односно за два дена отсега, започнува дијалогот со ЕУ преку првата меѓувладина конференција која ќе се одржи во Брисел. Ова е историско поглавје за нашата држава, по 17 години во чекалната, конечно ги започнуваме преговорите со Европската унија“, рече Богданка Кузевска, портпаролка на СДСМ.
Македонската делегација на првата меѓувладина конференција во Брисел ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски.
Марина Тонева Стојанова
