Куманово: Нови правила за изградба на висококатници
Намален е процентот на искористеност на земјиштето за изградба на висококатници во Куманово. Целта е да се отстапи повеќе простор на зелени површини и паркинзи. Во оваа општина станови најмногу купуваат повратниците од Ирак и Авганистан. Цената за метар квадратен се искачи до 1.200 евра...

Наместо до 50 отсто, отсега процентот на искористеност на земјиште за изградба на висококатници во Куманово ќе биде 30 отсто. Одлуката ја донесе Советот на општината. Целта е да се отстапи повеќе простор за зелени површини и паркинг. Пониските згради и висококатниците кои се лепенки и понатаму ќе можат да се градат на 50 проценти од искористеност на парцелата.
„Се добива повеќе слободен простор, похумано живеење, повеќе простор за зелени површини, што му недостасува на нашиот град. Хумани услови, право на сонце, проветрување, светлина, затоа и самата одлука се темели на член од Уставот, која предвидува хармонизација и хуманизација на живеењето во нашиот град“, истакна Емилија Сларидис Јаневска, раководителка Секторот за урбанизам Општина Куманово.
Од општината ги отфрлаат обвинувањата на опозицијата дека новата одлука ќе ја зголеми цената на метар квадратен во Куманово, која и сега е многу висока и дека ќе се изедначи со становите во метрополите од соседството. Велат тоа исклучиво зависи од понудата и побарувачката. Најголем интерес за станови во Куманово сè уште има кај повратниците од Ирак и Авганистан. Цената за метар квадратен достигнува до 1.200 евра. Општината во моментов има издадено три одобренија за станбени згради. Ниту една од нив не е висококатница.
Елена Георгиевска
