Османи: Протоколот се темели на принципот на реципроцитет
Министерот за надворешни работи Османи го објави протоколот со Бугарија откако во Софија потпис на документот ставија со шефицата на бугарската дипломатија Генчовска. Вели дека се темели на принципот на реципроцитет...

Министерот за надворешни работи Османи го објави протоколот со Бугарија откако во Софија потпис на документот ставија со шефицата на бугарската дипломатија Генчовска. Вели дека се темели на принципот на реципроцитет. Според официјална Софија, тоа што треба да се направи во иднина е договореното да се примени во пракса за што е потребен ангажман на двете земји.
„Во вторник експертите на ЕУ влегуваат во нашите институции, од вторник почнуваат да се бројат деновите до членство“, рече Османи.
„Согласно францускиот предлог, задутре се одржува меѓувладина конференција, потоа трае скринингот, година и половина, по завршување на скринингот има втора меѓувладина конференција, за неа нема нова одлука на Европскиот совет, туку утре во 18 и 30 часот се носат одлуки за двете конференции и за првата пред скринингот и за втората по него, со тоа што втората е условена со уставните измени“, рече Османи.
Тој додаде дека по бугарското вето пред три години не сме можеле да добиеме се, но, како што истакна, сме добиле три битни позиции.
„Добивме чист јазик, историските прашања да не бидат услов во преговорите и тие да почнат веднаш, а Бугарија доби одржување на втора конференција откако претходно ќе се направат уставни измени“, посочи Османи.
Според него, многу полесно ќе ги решаваме недоразбирањата со Софија додека сме дел од процесот во ЕУ, отколку да останеме надвор и да чекаме некои подобри времиња.
