Дипломатија

Османи ја објави содржината на протоколот

17.07.2022 21:57

Министерот за надворешни работи Османи го објави протоколот со Бугарија, откако во Софија потпис на документот ставија со шефицата на бугарската дипломатија Генчовска. Вели дека се темели на принципот на реципроцитет. Според официјална Софија, тоа што треба да се направи во иднина е договореното да се примени во пракса за што е потребен ангажман на двете земји...

Протоколот е реципрочен, а преговорите со ЕУ започнуваат во вторник, вели Османи.

Тој на прес-конференција презентираше документ за којшто, рече бил потпишан во Софија со неговата колешка, Генчовска. Веќе утревечер ќе биде дефинирана првата меѓувладина конференција со отворачка изјава, но ќе се утврди и втората за која, за да се одржи ќе има услов – да се внесат Бугарите во Уставот.

Министерот тврди дека македонскиот јазик ќе биде дел од јазиците во Унијата. За изјавата на Генчовска, која го нарече „така наречен“, Османи вели дека уште во 2018-та година Бугарија и до ОН испратила известување – нота, дека македонскиот јазик не го признава, и дека во однос на билатералните односи, владата од 1999-та година го дефинирала како јазик согласно Уставот.

На прашањето зошто има втора владина конференција и дали тоа значи во вторник фотографирање, а многу подоцна, по измени во Уставот, преговори, Османи негира и рече дека е тоа антинаратив и додаде, дека решение е најдено со кое се заштитува македонскиот државен интерес.

Во однос на историјата, во 2023-та и 2024-та година ќе се чествуваат заеднички договорени датуми и личности од историјата, но по одобрувањето од комисијата, а тогаш ќе се случи и првата промена на учебниците каде што ќе се внесат сите промени кои дотогаш ќе ги усогласи мешовитата комисија. Немаше одговор дали бугарска делегација ќе биде дел од чествувањето на празникот Илинден на 2-ри август.

Во однос на говорот на омраза, како што објасни, тоа се однесува на омаловажување на одредени лица или групи врз повеќе основи и карактеристики, а што води кон насилство, и тука има реципроцитет, рече Османи и додаде дека се однесува и на институции, книги, учебници, на разна продукција која ќе биде платена со државни пари.

Шефицата на бугарската дипломатија Генчовска, по потпишувањето на протоколот во Софија изјави дека тоа што треба да се направи отсега натаму е договореното да се примени во пракса, за што е потребен ангажман на двете земји.

Во Скопје, иако опозицијата рече дека нема да гласа за отворање на Уставот, Османи е убеден дека во следните 18 месеци, ќе се најде политичка волја за да се внесат сите етнички заедници.

Катерина Топалова