Топлотен бран ја зафати Европа
Топлотен бран беснее во Европа. Пеколни температури во Франција. Пожари и во Шпанија и Португалија. Евакуирани илјадници луѓе. Температурите ќе продолжат да растат – прогнозираат метеоролозите...

Климатските промени го покажуваат своето вистинско лице. Децениските предупредувања на научниците за ужасот што следува по забрзаната индустријализација и континуираното уништување на планетата станаа реалност. Стариот континент веќе неколку недели под вршник. Сушата и енормно високите температури предизвикаа големи пожари. Огнената стихија проголта илјадници хектари шума во Франција, Шпанија, Португалија, Грција. Стотици луѓе ги загубија животите, илјадници ги напуштија своите домови. Тешка е борбата на француските пожарникари во регионот Жиронд, каде што беснеат два шумски пожара. Експертите предупредуваат дека се заканува еколошка катастрофа на оваа омилена дестинација за туристите.
„Ветровите ја донесоа целата кора од дрвјата на работ на плажата, секаде е околу нас.“
„Миризбата се чувствува само што ќе пристигнете, тоа е многу загрижувачки. Тоа ве спречува да уживате овде, треба да се биде внимателен.“
Десетици шумски пожари беснеат во Шпанија. Пожарот во Малага е под контрола, проценката е – уништени се над 2 илјади хектари шума, 3 илјади жители евакуирани. Температурата урива рекорди во Шпанија – достигна и до 44-от степен. Како последица на топлото време починале околу 240 лица.
„Голема штета, бидејќи долината е толку прекрасна.“
„Имаме животни таму, но не знаеме дали попладневно ќе нè пуштат одиме да ги спасиме.“
Оганот, сушата и горештини не ја одминаа ниту Португалија. По неколку недели борба, противпожарните екипи конечно успеаја да ги стават под контрола поголемиот број пожари. Но и натаму за целата територија на државата е издаден аларм – максимален ризик од пожари. Зачудувачки, но сушата пристигна и во традиционално врнежливата Велика Британија. Метеоролозите прогнозираат температура до 41-виот степен. Лондон ќе биде најтоплото место во светот, со температура повисока и од западна Сахара и Карибите.
Маја Стојанова
