Евроинтеграции

Утре во Брисел прва Меѓувладина конференција

18.07.2022 13:23

Утре во Брисел утре ќе се одржи првата Меѓувладина конференција со Европската унија. Премиерот Ковачевски на македонски јазик ќе ја прочита отворачката изјава. Веднаш по неа според Владата ќе почне скрининг процесот. Историски чин за европските дипломати е потписот на билатералниот протокол со Бугарија. А во него усогласување на учебниците, мерки против говорот на омраза, пристап до архивите...

Во Брисел, прва Меѓувладина конференција со Европската унија, откако Османи и Генчовска во Софија го потпишаа билатералниот протокол. Премиерот Ковачевски на македонски јазик ќе ја прочита отворачката изјава, по што треба да почне скрининг процесот. Прифаќањето на францускиот предлог и потписот врз билатералниот документ од Брисел и од Берлин оценети како историски чин.

„Го деблокиравме почетокот на преговарачкиот процес со Северна Македонија и со Албанија. Ова е историски момент. По толку многу години чекање со кандидатски статус кога ништо не се случуваше, со гласањето во парламентот на Северна Македонија се отвори вратата за одржување на првата Меѓувладина конференција, со што ќе отпочне процесот на преговори. Ова беше долгоочекуван процес и ова е добра вест, а такви немаме многу во последно време. Се надевам дека тоа ќе ја зголеми нашата соработка со Западен Балкан“, изјави Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика.

„По историското гласање во Парламентот на Северна Македонија за пристапниот процес и протоколот што беше потпишан меѓу Северна Македонија и Бугарија, многу сме среќни што може да се преземе овој историски чекор. Утре ќе можам да присуствувам на првата Меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија. Тоа е навистина голем чекор напред. Германија е голем поддржувач на пристапниот процес на овие две земји и на западен Балкан“, изјави Ана Лирман, министерка за Европа на Германија.

Втората Меѓувладина конференција што ќе значи отворање на преговорите е условена со внесувањето на бугарите во македонскиот уставот. Мешовитата историска комисија треба да се придржува кон одредбите од договорот за добрососедство, со објективно и научно толкување на историските настани, засновано на автентични историски извори, базирани на докази. Според протоколот, двете држави треба да разменат копии од сите образовни програми, учебници, учебни помагала и други релевантни учебни материјали, а во 2022 и 2023 да ги чествуваат заедничките историски настани и личности, договорени од заедничката комисија. До почетокот на учебната 2023-24, Македонија треба да ја промени содржината на учебникот по географија за 7-мо одделение, заради неосновани етнички територијални претензии.

„Усогласување на учебниците по историја“

„Двете држави, не подоцна од учебната 2024-2025 да ги усогласат, каде што е неопходно, сите учебници по историја во учебната програма, така што тие ќе ги одразуваат, до тој момент, постигнатите резултати од работата на комисијата, во согласност со член 8 алинеја 2 од договорот“.

Владата потврдува дека нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија, со цел заштита на статутот и правата на лица, кои не се македонски граѓани. Двете држави се обврзуваат да преземат мерки и против говорот на омраза.

„Мерки против говор на омраза“

„Двете држави преку дипломатските канали меѓу министерствата за надворешни работи да продолжат да разменуваат информации во врска со говор на омраза, идентификувани натписи и знаци на јавни згради и споменици, текстови во учебници и учебни материјали, како во јавниот простор на територијата на другата држава“.

Како држава треба да ја реафирмираме осудата и да се извиниме за неправдите и репресиите, извршувани во минатото од југословенските комунистички власти против граѓани врз основа на нивното етно-политичко самоопределување, вклучително и бугарите. И Софија се согласува на пристап до архивите.

„Пристап до архивите“

„Владата на Република Северна Македонија, во рок од една година, да ја создаде неопходната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на бившите служби на државна безбедност од комунистичкиот период, вклучително полицијата, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање во периодот 1945-1991“.

Протоколот е потпишан на официјалните јазици на државите-бугарски јазик, согласно уставот на Република Бугарија и македонски јазик, согласно Уставот на Република Северна Македонија.

Милчо Велески