Предан: Одлуката за почеток на преговорите е добра
Македонскиот јазик е признаен од 26 земји членки, членките имаат право да искажат свои резерви но тоа нема да влијае на неговиот статус во Европската унија-вели словенечкиот амбасадор Предан...

Македонскиот јазик е признаен од 26 земји членки на Унијата со тоа тој ќе биде официјален јазик во ЕУ. Секогаш некоја од земјите членки има право да искаже свои резерви, но тоа нема да има никакво влијание на статусот на македонскиот јазик, бидејќи сите 26 земји нема да го прифатат ветото во врска со македонскиот јазик, уверува словенечкиот амбасадор во земјава Милан Предан. Најбитно е што вашиот воз тргна конечно од станицата на која стоеше со години, додава Предан. Сите ние сме се соочиле со проблеми при пристапувањето, дури и нашата земја го смени Уставот на барање на една соседна што е многу слично со вашиот пример, вели амбасадорот на Словенија.
„Сигурно дека 26 земји членки кои го признаваат македонскиот јазик не можат да прифатат вето само поради тоа што една земја членка има резерви во однос на јазикот. Иако што треба да се знае дека за време на преговорите може да има ситуации кои ќе предизвикуваат некои пречки и тоа не само од една земја туку и од други. Тоа е нешто што сите ние сме го доживеале кога преговаравме. Можеби некои не знаат, но и ние словенците моравме да го менуваме Уставот на барање на една наша соседна земја. Нашите проценки беа дека целта ни е сепак поважна“, изјави Предан.
Добро е што земјава ќе ги почне претпристапните преговори и дека ќе има пристап до фондовите на Европската унија, но Предан предупредува дека според новата методологија приливот на средства ќе зависи од реформите кои сме ги направиле. Тоа нема да бидат вели пари кои едноставно ќе може да ги земете туку врз база на многу издржани проекти. Словенечкиот амбасадор заедно со министерот за надворешни работи Роберт Кокаљ учествуваа на информативен настан за отворениот повик за кофинансирање на развојни проекти во рамки на билатералната развојна соработка, објавен од Центарот за меѓународна соработка и развој на Словенија. На настанот присуствува претставници од Секретаријатот за европски прашања и градоначалници од земјава.
Фиљана Кока
