Во Куманово расте интересот за четврта доза вакцина
Поголемиот број новозаболени од Ковид-19, го зголеми и интересот за имунизација со четврта доза во Куманово. Од вакциналниот пункт од оваа општина информираат дека дневно се вакцинираат до педесетина граѓани, вообичаено повозрасни со коморбидитети...

Новиот бран на Ковид-19 го зголеми интересот за имунизација со четврта доза во Куманово. Последниве две седмици, како што информираат од Здравствениот дом, се вакцинираат по педесетина лица дневно. Вообичаено вакцината „Фајзер“ ја примаат повозрасните граѓани, со коморбидитети. Има и лица кои се имунизираат со трета доза. Најголем дел велат се вакцинираат за сопствена заштита, останатите заради патувања во странство.
Четврта доза, добро се чувствувам, ковид вирусот го поминав полесно. Одлучив сега превентивно, заради здравствени причини да примам и четврта доза, вели Драгица Тасевска.
Ова е трета доза Фајзер, немам ниту грип но подобро е да примам превентивно, вели Назми Бајрами.
Имам хронични болести со коморбидитети сум, да се заштитам едноставно од ризици, немам поминато ковид, дополнува Виолета Јаковчева.
Од Здравствениот дом информираат дека и покрај поголемиот интерес за четврта доза, засега нема метеж пред вакциналниот пункт. Апелираат да се следат препораките на Министерството за здравство, да се вакцинираат граѓаните над 60 години, особено ризичните групи, а останатите да ги следат превентивните мерки и во затворени простории да носат маски.
Растојанието помеѓу третата и четвртата доза треба да е најмалку четири месеци. Самата вакцинација за третата и четвртата доза значи е исто така и за сите пациенти коишто се над 18 годишна возраст. Особено сите коишто се над 18 години и се мешаат затоа што се изложени на самата зараза, истакна Ана Арсовска, лекарка во Здравствен дом Куманово.
Согласно последните податоци бројот на активни случаи во Куманово изнесува стотина. Здравствените лица информираат дека вообичаено новите случаи се со полесни симптоми, и ретко кој од нив се хоспитализира.
Елена Георгиевска
