Македонија

Партиски реакции за протоколот

18.07.2022 15:04

Според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ протоколот е дипломатски нокаут и капитулација. Македонија ќе почне вистински преговори откако ќе ги вметне бугарите во Уставот, а промена нема да се случи – порача Мицкоски. Собранието донесе државничка одлука, лагите на опозицијата потонаа во вода, македонскиот јазик во ЕУ влегува со чиста формулација – велат од СДСМ...

По јавното објавување на билатералниот протокол со Бугарија, власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања. Од СДСМ тврдат дека лагите на опозицијата паднале во вода и оти се докажало дека македонскиот јазик во Европската унија влегува со чиста формулација и нема бугаризација и асимилација. Според социјалдемократите, во протоколот има реципроцитет за сите прашања.

Дали е реципроцитет тоа што Бугарија од нас бара да бидат дел од преамбулата и нормативниот дел од Уставот, а истовремено бараат и да се откажеме од Македонците во Бугарија – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на опозициската партија Мицкоски смета дека власта претрпела дипломатски нокаут и прашува – дали на тврдењето на Генчовска дека нема македонски јазик, ќе одговориме реципрочно се непризнавање на бугарскиот јазик?

Периодов се вршат анализи и консултации со правни експерти за јасно да се дефинира референдумското прашање и методологијата со која ќе се излезе пред граѓаните, рече Мицкоски. За СДСМ, пак, нејасно е за што Мицкоски бара референдум, бидејќи Собранието донесе заклучоци со коишто се задолжува оваа и секоја идна Влада да не смеат да преговараат за јазикот, идентитетот, историјата.

Марија Котовска