Македонија

Откуп на пченица во најголемата житница

18.07.2022 15:31

На откупните пунктови за пченица во најголемата житница гужвата далеку помала во однос на истиот период од минатата година. Индивидуалните земјоделци не се задоволни од минималната откупна цена од 18 денари за килограм пченица. Велат приносите по хектар се помали за околу 30 посто. Пченицата засега главно ја предаваат помалите земјоделци и од ЗК Пелагонија поголемите индивидуални земјоделци велат ќе чекаат подобри времиња...

Тешките ваги на откупните пунктови во најголемата житница веќе неколку денови подготвени, но колоните од трактори и камиони засега изостануваат. Испитните мостри во најголем дел случаи покажуваат дека според квалитетот се добива најниската откупна цена од 18 денари.

Откупувачите и мелничарите велат дека основната цена е иста како онаа на светските берзи а родот го делат на три класи.

Вака поставениот ценовник засега не е примамлив за пелагониските земјоделци.

Земјоделците велат транспортот за два до три денари ја зголемува цената на пченицата од странство. На 12 денари за килограм пченица лебот беше 20 денари. Денеска тој е за сто отсто поскап а пченицата само за 50 проценти и покрај дивеењето на цените на ѓубривата, нафтата и другите репроматеријали.

Згора на тоа приносите во однос на лани се помали за околу 30 посто. Пред да го поставиме прашањето како ќе изгледа следниот есенски сеидбен план попаметно е да одговориме колку од лебното зрно ќе заврши во силосите а колку во амбарите на земјоделците.

Стевче Митревски