Инспекции и предмет во ОЈО за клиниката „Жан Митрев“
Обвинителството по допрен глас оформи предмет за наводите во сторијата „Нечиста крв“ за клиниката „Жан Митрев“. Инспекторите на терен, Владата го задолжи министерот за здравство за два дена да излезе со целосна информација за случајот. До ИРЛ пристигнале нови пријави од граѓани, приватна болница ги отфрли информациите како невистинити...

Со допис до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, министерот за здравство Беким Сали побарал вонреден инспекциски надзор во клиничката болница „Жан Митрев“ веднаш по емитувањето на епизодата „Нечиста крв“ на Истражувачката репортерска лабораторија. Побарал и информација од Инспекторатот дали во последниве три години се спроведени редовни и вонредни надзори и кои се резултатите од нив. Сали на прес-конференција најави неколку активности кои ги преземал откако го гледал новинарското истражување, од кое рече дека се загрижил и згрозил.
„Агенцијата за лекови МАЛМЕД, веќе иницираше вонреден инспекциски надзор по однос на постапката за тоа дали е почитувана или не е почитувана постапката за клиничко испитување на хемофилтрација како метод на лекување на Ковид-19. Првичните сознанија укажуваат дека не е испочитувана, но да оставиме да се утврди фактичката состојба во клиничката болница Жан Митрев и овој наод ќе го имаме уште во текот на утрешниот ден кога истекува рокот за да се изјасни клиничката болница Жан Митрев“, изјави министерот за здравство, Беки Сали.
Од лекарската комора побарал извештај за стручни надзори за лекување на пациентите со Ковид-19 во приватната клиника, а од нив очекува да се утврдат сите системски недоследности на кои рече дека ќе работи за да ги подобри во најкус можен рок.
Во меѓувреме ја поздрави постапката на ОЈО за отворање случај по допрен глас за наводите во сторијата „Нечиста крв“ на ИРЛ. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој ќе ги провери наводите од кои, како што објаснуваат оттаму, произлегуваат индиции за кривични дела против здравјето на луѓето. Владата го задолжи Сали, за два дена да излезе со одговори на сите отворени прашања. Министерот за в среда во 11 часот најави прес-конференција.
Документарецот се базира на сведоштва и истражувањата за третманот на ковид пациенти во клиниката, според кои, пациенти учествувале во клиничко испитување без да знаат и без тоа да биде пријавено во „МАЛМЕД“, им била нудена хемо-филтрација како единствен спас од вирусот, а интерхоспиталните инфекции не биле пријавувани. И додека од ИРЛ велат дека до нив стигнале и нови пријави од граѓани, од приватната клиника преку соопштение реагираа дека биле пласирани лаги, невистини, фабрикувани информации и говор на омраза и оти единствено практикуваат медицина базирана на докази. Од болницата најавија правни постапки.
Катерина Топалова
