Привршува огласот за земјоделско земјиште под закуп
Привршуваат двата огласи за давање под закуп државно земјоделско земјиште со големина над 3 хектари. Вкупната површина е повеќе 3.500 хектари во безмалку сите региони во државава. Еден од огласите, кој можат да учествуваат сточарите, е за производство на добиточна храна. Рокот за поднесување на апликациите е до 21-ви јули 2022 година...

Првиот јавен оглас содржи вкупно 529 хектари, распоредени во 10 региони низ државата за производство на добиточна храна за период до 15 години. Парцелите се со големина над 3 хектари
Право на учество на овој оглас имаат домашни физички и правни лица и странски правни лица. Минималната површина на земјоделското земјиште во државна сопственост која може да се даде под закуп на еден учесник изнесува 3 хектари, доколку понудувачот достави потврда од овластена ветеринарна станица дека поседува најмалку 5 грла говеда, односно 50 овци или кози, 20 свињи, 500 кокошки или друга живина. Максимална површина на која еден учесник може да аплицира изнесува до 20 хектари.
Вкупната површина на земјоделското земјиште која се дава под закуп со вториот јавен оглас е 3.240 хектари, во атарите на 22 региони. Предвидената намена е за подигнување на долгогодишни насади, ливади и рибници, за спортско-рекреативни активности и за рурален туризам.
Рокот за поднесување на апликациите е 30 дена од објавувањето на огласот, односно до 21-ви јули 2022 година. Постапката за распределба на земјиштето ќе се врши со електронско јавно наддавање.
Методија Трајков
