Со заедничка нуклеарна централа земјите од регионот ќе можат да ги надминат енергетските кризи
Соларната енергија и ветерниците за производство на електрична енергија во комбинација со другите постојни енергетски потенцијали можат да ја ублажат енергетската криза во државата. Сепак тоа ќе биде недоволно за во иднина бидејќи потребите за електрична енергија постојано ќе растат. Поради тоа можеби треба да се размислува за изградба на нуклеарна централа којашто ќе биде заеднички проект на земјите од регионот. Ова е ставот на познатиот македонски научник од областа хемијата Панче Наумов, кој на универзитетот „Њујорк“ во Абу Даби меѓудругото предава и предмет поврзан со одржливата енергија...

Нашата држава е специфична по тоа што изворите на енергија и се ограничени, а покрај водените ресурси за производство на електрична енергија главно се користи јаглен и по потреба мазут што е еколошки неоправдано. Ова го вели познатиот македонски научник од областа на хемијата, Панче Наумов, којшто на Универзитетот „Њујорк“ во Абу Даби предава предмет поврзан со одржливата енергија. Тој смета дека во нашата земја треба да се размисли за комбиниран модел помеѓу соларната енергија и ветерниците за производство на електрична енергија, меѓутоа не ја исклучува можноста за користење на нуклеарна енергија во соработка со соседните држави.
„Не можам да зборувам за употреба на нуклеарна енергија во држава како што е Македонија, бидејќи условите во коишто живееме, ние сме мала држава опколена со мали држави, така што можеби треба на некакво политичко ниво да се постигне некаков консензус, не секоја држава посебно туку би била некаква координација помеѓу државите за сите да се снабдуваме од ист енергетски извор“, рече д-р Панче Наумов-професор на Универзитетот „Њујорк“ Абу Даби.
Говорејќи за искуствата од Обединетите Арапски Емирати овој истакнат научник вели дека таму имало капитални проекти и дека после сите истражувања насочени кон соларната енергија оваа земја богата со нафта и гас заклучила дека соларната енергија е еден вид експеримент којшто не може да ги замени тие ресурси и решила да гради нуклеарна централа.
„Тие заклучија дека треба сепак нуклеарна енергија која од некои се смета за чиста енергија. Значи еколошки не, меѓутоа како најчиста енергија ако се знае да се складира тој отпад, тоа е најголемиот проблем со нуклеарната енергија. Тие заклучија дека тоа е многу поефикасен начин за добивање на енергијата отколку самата соларна енергија“, рече д-р Панче Наумов-професор на Универзитетот „Њујорк“ Абу Даби.
Според Наумов во нашата држава има компетентни институции коишто се занимаваат со оваа проблематика и верува дека ќе го изнајдат вистинскиот пат за во иднина полесно да се справуваме со енергетски кризи каква што е актуелната поради војната во Украина.
Сашо Нелоски
