Брисел

Европски лидери: Македонија нема да го изгуби идентитетот на патот кон ЕУ

19.07.2022 13:21

Македонија нема да го изгуби идентитетот на патот кон ЕУ, порака од европските лидери. Донесовме државнички, мудри и храбри одлуки, со јасна визија за нашата иднина-обраќање на премиерот Ковачевски на првата меѓувладина конференција. Подготвеност за спроведување на преземените обврски од преговарачката рамка...

Македонија посветено работи на реформската агенда и е кредибилен партнер на ЕУ. Процесот почна, а напредок ќе има само ако Западен Балкан целосно биде интегриран во Унијата, рече високиот претставник на ЕУ за надворешна политика Борел. Додаде дека на тој пат земјава ќе има поддршка и при обидите трети страни да влијаат врз вас, да градиме отпорност и да се соочите со последиците од руската агресија врз Украина. Европските лидери порачаа дека Македонија нема да го изгуби идентитетот на патот кон ЕУ, туку напротив ќе ги надгради и промовира своите културни и историски вредности.

Клучно е земјата цврсто да остане на трасираниот пат. Преговарачката рамка нуди здрава основа за преговарачкиот процес.

Овој ден за нас е историски. По 17 години, правиме клучен чекор на патот кон остварување на деценискиот, генерациски сон на кој посветено работевме, рече премиерот Ковачевски на првата меѓувладина конференција. Донесовме државнички, мудри и храбри одлуки, со јасна визија за нашата иднина. Македонија цивилизациски, географски и историски припаѓа во ЕУ, истакна Ковачевски.

Почнува и скрининг процесот. Очекувањата се дека предизвиците успешно ќе се надминуваат. Крајна цел е Македонија, кога целосно ќе биде подготвена, да се приклучи на Европската Унија.

Милчо Велески