Евроинтеграции

Европски реакции за настанот во Брисел

19.07.2022 15:50

„Македонци, денеска вашата земја го прави првиот клучен чекор“ – вели претседателот на Европскиот совет Мишел. Берлин коментира – Бугарија не може да го блокира стартот на преговорите ако се направат уставните измени. Париз останува активно вклучен во процесот...

Македонци, денеска вашата земја го прави првиот клучен чекор на патот на преговорите со Европската Унија, вака претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел го коментираше одржувањето на првата меѓувладина конференција со ЕУ. Земјата презеде важни реформи и знам дека Македонците се посветени на нашата заедничка иднина во ЕУ, додава Мишел. Тој посочува дека знае оти патот до оваа точка е долг и предизвикувачки. Како што видов од прва рака, дебатата беше особено интензивна во Северна Македонија, но на крајот доведе до позитивно гласање во Националниот парламент, Собранието, потенцира Мишел, кој посочи дека на патот кон полноправно членство во ЕУ, земјава може да смета на неговата целосна поддршка.

„Одржувањето на првите меѓувладина конференција ја отклучува следната фаза и за Северна Македонија и за Албанија. Сега ќе почне процесот на скрининг, не само ажурираниот објаснувачки скрининг, туку и билатерални скрининзи. Претстои напорна работа за нашите преговарачи, во Скопје, Тирана и Брисел. Во наредните месеци ова ќе изгради солидна основа за отворање на кластерите на преговарачките поглавја“, изјави Мишел.

Мишел додава дека паралелно, ЕУ ќе се фокусира на повторно поттикнување на процесот на проширување. На јунскиот Европски совет, решивме да внесеме нова динамика и нова определба да одиме напред заедно, вели Мишел

Пристапните преговори почнаа. Штом се направат уставните измени во Северна Македонија, ќе се одржи втората меѓувладина конференција. Тоа е договорено и зацементирано и не може да се спречи“, уверува германската министерка за Европа, Ана Лирман. Нејзината француска колешка, пак, уверува дека Париз останува активно вклучен во односите со Западен Балкан.

Известувачот за Македонија, европратеникот Илхан Ќучук својот профил напиша:

„Историски ден за Република Албанија и Република Македонија, конечно ги започнаа преговорите со Европската Унија. Честитки драги пријатели. Да чекориме напред заедно.“

Фиљана Кока